ЕУЛЕКС: Загрижувачко присуство на вооружени лица на барикадите во северно Косово

Мисијата на Европската унија за вледеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, ја оцени ситуацијата во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, како загрижувачка и напната и повика на воздржаност од инволвираните страни, јави дописникот на МИА од Приштина.

На единаесеттиот ден од блокадата на патиштата во тој дел на Косово во правец на граничните премини кон Србија, Јариње и Брњак, единиците на полицијата на ЕУЛЕКС, кои во таа област патролираат во координација со КФОР, регистрирале, како што наведуваат, „загрижувачко присуство на вооружени лица“.

„При нашите патролирања на терен сведоци сме на загрижувачко присуство на вооружени лица, често од маскирани индивидуи и групи, во северно Косово. Ова е неприфатливо. Сведоци сме на поставување нови барикади, кои мора да се отсранат веднаш. Тие се незаконити и ја попречуваат слободата на движење“, се вели во соопштението на ЕУЛЕКС доставено до агенцијата КосоваПрес.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

Мисијата на ЕУ предупредува и дека е загрижувачки криминалот во тие области кои се под контрола на споменатите лица и групи.

„Исто така, загрижува и криминалот во северно Косово. Безбедносниот вакуум по оставките на полицајците Срби од косовската полиција може да се искористи од криминалните групи. Задача на институциите за спроведување на законот е да го спречат тоа“, се вели во соопштението.

ЕУЛЕКС нагласува дека, „во рамките на својот мандат и капацитети ги поддржува превентивните мерки, но не може да ја замени Полицијата на Косово, која е првата што реагира во однос на безбедноста“.

„Тоа што е сега битно е ситуацијата да деескалира веднаш, да се врати мирот и да се реагира воздржано на провокативните дејствија. Ова е пред сé во полза на локалното население, чија заштита и безбедност се загрозени поради актуелната ситуација“, порача ЕУЛЕКС.

Извор: МИА

- Реклама -