Павле Трајанов предлага на сите судии да им истече мандатот

„Владеењето на правото мора да биде приоритет на Владата, а тоа не е! Ако имаме некредибилен судски систем, кој е под целосна контрола на политичките партии, власта, тогаш нема да бидат министрите изненадени, разочарани од последните судски одлуки за ТРЕЗОР И ТАРГЕТ ТВРДИНА, туку ќе предложат и ќе преземат конкретни решенија“, вели пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз – Павле Трајанов.

На денешната пленарна седница во македонскиот парламент, Трајанов предложи реизбор на сите судии, односно на сите судии да им истече мандатот, а да бидат реизбрани само оние кои ќе поминат низ детални проверки.

„Предлагам Владата да подготви закон или закони со кои во текот на година дена ќе им престане мандатот на сите судии, од основните судии па сѐ до Врховниот суд, и во тој период за секој судија да се спроведе постапка за ревизија на неговата работа, имотната состојба и постапка за реизбор. Професионалните, чесните и некомпромитираните да продолжат да бидат судии, а другите да понесат одговорност“, предложи Трајанов.

Според него, сѐ друго што во моментов се прави, е замајување на јавноста.

„Тоа би бил конкретен придонес, а не да се замајува јавноста со изјавите дека судиите треба да бидат засрамени… Каква хипокризија е тоа“, рече Трајанов.

Тој оцени дека последните судски одлуки се резултат на корумпиран политичко-судски пазар, а не самостојни одлуки на судиите.

„Предлог законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, и покрај поддршката од надлежните комисии го блокирате и не дозволувате фер судење, за да се види одговорноста на политичкиот врв, обвинителите и судиите, во над 200 монтираните судски процеси. Дојдовте на власт со паролата, НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР, а од правда ниту првата буква“, рече Трајанов.

- Реклама -