Укинувањето на првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ е крајно понижувачко и води кон губење на довербата на граѓаните во системот, оцени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска од Тетово, коментирајќи ја одлуката на Апелациониот суд – Скопје.
„Сите викаме не треба да ги коментираме судските одлуки… да, јас држам до тоа и како човек од таа фела… меѓутоа тоа е крајно понижувачки и тоа е нешто што упатува на губење на доверба кај граѓаните во системот. Ќе се одработи од страна на институциите, од страна на полицијата, од страна на ЈО, ќе се соберат доказите, ќе се приложат на суд, ќе се поведат постапките, и на крајот се доведуваме до една ваква позиција. Тоа не е добро и тоа е одлика за тоа што се случува со перцепцијата на граѓаните во делот на борбата против криминалот и корупцијата“, истакна Спасовски одговарајќи на новинарско прашање, откако Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите во случајот и ја укина првостепената пресуда, враќајќи го предметот пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, истворемено отфрлајќи ја жалбата на ОЈО-ГОКК како беспредметна.