Русија следната година ќе го удвои бројот на пробни лансирања на своите интерконтинентални балистички на осум, во споредба со четири лансирања оваа година, изјави денеска командантот на стратешките ракетни сили Сергеј Каракаев.
Тој за весникот „Краснаја звезда“ изјави дека ракетите ќе бидат лансирани од две локации – во близина на Мурманск на север и Волгоград на југ.
Каракаев рече дека овогодишните четири лансирања „ја потврдија високата сигурност на ракетните системи“.
Според Новиот СТАРТ договор за намалување на нуклеарното оружје, кој стапи во сила во 2011 година, Русија и САД го ограничија бројот на интерконтинентални балистички проектили на секоја по 700.
Каракаев конкретно ја наведе нуклеарната ракета „Сармат“, која првпат беше лансирана во април оваа година од Плесецк во северна Русија, погодувајќи цел на полуостровот Камчатка оддалечен 6.000 километри.
„Сармат“ се развиваше со години и беше тестирана во време на екстремни меѓународни тензии, во неделите по инвазијата на Москва врз Украина.
Вчера Москва постави балистичка ракета „Јарс“ на лансирната рампа во регионот Калуга, непосредно пред Денот на руските стратешки ракетни сили.
„Важноста на оваа операција е во фактот што проектилот ќе биде на борбена задача според планираното. Татковината ќе добие уште еден пример на нуклеарно ракетно оружје, што ќе ни овозможи да ги решиме сите задачи на стратешко ниво“, изјави командантот на ракетната формација Козелски, Алексеј Соколов.
Поставувањето на балистичка ракета Јарс на лансирна рампа, се чини, е одговор на финализацијата на плановите на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за испраќање напреден систем за воздушна одбрана „Патриот“ со долг дострел во Украина, за да им помогне на Украинците да ги запрат руските напади, особено врз клучната и енергетска инфраструктура.
Извор: МИА