„Арсовска да приложи лекарски доказ пред јавноста дека е психички здрава“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ најавувајќи тужба за градоначалничката

„Крајно сме загрижени за психофизичката состојба во која се наоѓа градоначалничката Арсовска. Сметаме дека постојат основани сомнежи, кои се манифестираат во континуитет неколку месеци наназад, за здравствената способност таа да ги извршува надлежностите што ѝ се доверени“, реагираат вечерва од ВМРО-ДПМНЕ по интервјуто на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на ТВ „Канал 5“ во кое, меѓу другото, изјави и дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски и лично ѝ се заканувал, па дури и цитираше дел од наводните закани.

Најголемата опозициска партија дури побара Арсовска и да достави релевантен лекарски доказ, со кој ќе потврди пред јавноста дека е навистина психички здрава. Арсовска е должна тоа да го стори, поради  тешките последици врз скопјани што се предизвикани од нејзината деструктивност и компулсивност, велат од ВМРО-ДПМНЕ, кои интервјуто го оценија како „срамно“ и полно со „огромно количество лаги“.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Во однос на сериозните обвинувања од страна на Арсовска, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека таа ќе биде тужена и ќе мора пред суд да го докажува она што го изјавила.

„Имајќи ја предвид тежината на обвинувањата што ги искажа во интервјуто, независно од истакнатото, приморани сме да побараме тоа да го докаже во редовна постапка пред македонските судови. Истовремено, веруваме дека до тогаш јавноста и на писмено ќе се увери во вистинската психолошка состојба на оваа личност“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -