Папата Франциск: Да го прославиме Божик поскромно, тоа што ќе го заштедиме да го испратиме во Украина

Папата Франциск ги повика христијанските верници ширум светот на поскромна прослава на Божик оваа година, со цел да им се помогне на Украинците со „конкретни гестови на милосрдие“.

„Убаво е да се слави Божик и да се слави, но ве повикувам малку да го намалите нивото на трошење на Божик. Да го прославиме Божик поскромно и да го испратиме тоа што ќе го заштедиме на граѓаните на Украина на кои им е потребно“, рече Папата.

Од почетокот на војната во Украина, папата Франциск во неколку наврати повика на испраќање помош за земјата.

Ватикан организираше неколку хуманитарни акции за помош на Украина.

Минатата недела, Папата ја спореди војната во Украина со нацистичката операција „Рајнхард“, во која, во првиот дел од Втората светска војна, во делот на окупирана Полска што вклучуваше територија од денешна Украина, беа убиени околу два милиони луѓе, главно Евреи.

Прочитајте и:  Бајден брза да испрати помош за Украина пред инаугурацијата на Трамп

„Сеќавањето на овој страшен настан нека побуди кај сите намери и акции за постигнување мир“, рече Папата на одбележувањето на годишнината од тој настан, па, отстапувајќи од напишаниот текст, додаде: „И така се повторува историјата. Денес гледаме што се случува во Украина“.

Претходно, тој изјави дека Украинците се „маченици на агресијата“ и војната на нивна територија ја спореди со „страшниот геноцид“ од 1930-тите, кога поранешниот советски лидер Јосиф Сталин „ги принудуваше луѓето да гладуваат“.

Минатата недела, исто така, Франциск се расплака за Украина (види фото) за време на јавна молитва во Рим, на што присутните почнаа да му аплаудираат.

- Реклама -