Путин ги откажа новогодишните планови, нема да игра хокеј на Црвениот плоштад

Рускиот претседател Владимир Путин ги откажа своите традиционални планови за новогодишната ноќ. Тој годинава нема да игра хокеј на Црвениот плоштад, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека Путин нема такви планови.

Претходно Путин ја откажа и традиционалната годишна прес-конференција, како и обраќањето пред Федералното собрание на Русија.

„Колегите ми кажуваат дека обраќањето би можело да се одржи следната година, а има извештаи дека може да биде писмено. Не, никогаш не било писмено. Што се однесува до информациите дека е можно да се одржи следната година, секако дека е можно“, рече Песков во однос на обраќањето пред Федералното собрание.

„Нема да има“, рече Песков завчера во однос на прес-конференцијата, потенцирајќи дека Путин разговарал со новинарите во бројни други прилики, особено за време на неговите патувања во странство.

Прочитајте и:  Орбан: САД предводени од Трамп ќе ја напуштат војната во Украина

Засега нема објаснување од Кремљ за причината за откажувањето на плановите на рускиот претседател.

Путин за Нова Година традиционално игра хокеј на Црвениот плоштад. Лани играше пријателски меч заедно со белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Од 2001 година, Владимир Путин редовно организира големо соочување со новинарите, со исклучок на периодот од 2008 до 2012 година, кога ја извршуваше функцијата премиер. На оваа годишна прес-конференција, која обично трае неколку часа, се собираат стотици руски и странски новинари, а Путин во живо одговара на прашања на различни теми, од дипломатија до секојдневни руски теми.

Извор: МИА

- Реклама -