Власта декларативно се залага за борба против корупција и криминал, а за први лица на Судскиот совет, обвинителство се бираат луѓе од партиски штабови, изјави во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“ пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.
Тој потенцираше дека експертски тимови од САД, како овој што неодамна пристигна во земјава за „поагресивно“ да ја чешла корупцијата, има само во две земји – едната е Македонија, а другата е Авганистан.
„Овој податок говори дека е поразително што нашата држава ја посетуваат вакви тимови од САД“, рече Ристески.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ во континуитет зборуваме за криминал и корупција од состојбите во РЕК Битола, набавка на вакцини, афери други во здравство, издавање на пасоши на криминалци, аферата Броило… и не се најде заеднички јазик со власта за заедничка борба против корупцијата. И сега дојдовме во ситуација некој од надвор да ни доаѓа, еден тн. камшикар. Вакви тимови не доаѓаат за некој портир и слично, туку корупцијата ја бараат во највисоките ешалони на власта“, рече Ристески.
Тој потсети дека критики кон земјава на полето на корупцијата имало и од претходната американска амбасадорка.
„Резултатите се поразителни во борбата против корупцијата и криминалот, јасно е истакната анкетата дека само 8 проценти имаат доверба во правосудниот систем. И во таква ситуација нормално е САД да испратат тимови, бидејќи е очигледно дека оваа власт не само што не се справува, туку и генерира криминал и корупција“, оцени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Власта не ни признаваше дека има корупција сѐ додека не рекоа претставниците од САД. Тие не признаваа дека има скандал и со случајот Онишченко, премиерот и министерот за внатрешни работи велеа нема ништо, но потоа го поништија државјанството. Сега треба да видат американските експерти и кој отвора фирма за фотоволтаици, а тоа е токму сопругата на премиерот, и формата не ѝ е со било кој граѓанин“, додаде Ристески.