Хрватска приреди огромно изненадување и стана првиот полуфиналист откако го победи Бразил на пенали. Фудбалерите на бразилската репрезентација, по поразот, не можеа да ги скријат солзите и разочарувањето.
Нејмар, кој го постигна голот за водство на Бразил во 77-тата минута, кој во тие моменти само навидум изгледаше доволен за победа, се израмни со легендарниот бразилски напаѓач Пеле, со кого сега го делат рекордот по голови за бразилската репрезентација.
Но тоа беше мала, скоро никаква утеха, што можеше да се види по реакцијата на Нејмар откако Маркињос, изведувајќи го клучниот пенал, ја погоди стативата. На Нејмар не му се веруваше како од речиси пласирани во полуфиналето, „кариоките“ на крајот останаа со празни раце.
Во полуфиналето на Мундијалот во Катар, Хрватска ќе игра со победникот од мечот меѓу Холандија и Аргентина.
Извор: МИА