Настинките, цревните и другите вирусни заболувања можеби отсуствуваа во последните две години поради носењето маски, одржувањето на физичка дистанца и други пандемични ограничувања, но оваа зима тие би можеле да имаат „одмаздничко“ враќање.
Вакцинирањето против Ковид-19 и грипот е важно, но можете да направите уште многу нешта за да го зајакнете имунолошкиот систем во борбата со инфекциите:
Пијте доволно вода
Малиот внес на вода ја ослабува природната бариера на слузокожата во грлото, фаринксот и носот, тврди Инго Фробесе, професор на Спортскиот универзитет во Келн.
Во исто време, го ослабнува ткивото на белите дробови, со што го олеснува животот на патогените микроорганизми.
За секој килограм телесна тежина треба да пиете 30 милилитри течност дневно, по можност вода или незасладен чај. Ако, на пример, имате 70 килограми, тоа значи дека ви требаат 2,1 литри течност дневно.
Фробесе вели дека е најдобро да започнете прво наутро и да стекнете навика да пиете голема чаша вода веднаш по станувањето.
Јадете намирници богати со железо, цинк и селен
Сусамот, семките од тиква, овесот и леќата имаат нешто заедничко – тие се богати со доволно количество железо и цинк. Овие микронутриенти можат да придонесат нашите Т-клетки, оние што откриваат вируси во телото, да функционираат добро.
Селенот, исто така, ја зајакнува одбранбената функција на нашето тело и може да се најде во жолчката од јајцето, кикиритките, житарките и скушата.
Фробесе тврди дека со здрава, но разновидна исхрана, не се потребни никакви додатоци.
Правете пократки паузи за одмор
Стресот го оштетува телото, а со тоа и имунолошкиот систем. Го намалува бројот на имуните клетки во крвта и Т-клетките. Тоа е дополнителна причина на нашиот организам да му овозможиме редовни паузи. Дури и неколку минути одмор го намалува нивото на стрес.
Вежбајте на свеж воздух
Вежбањето на свеж воздух е особено корисно дури и ако е мрачно и влажно, не само за ви го зајакне имунолошкиот систем, туку и да го подобрите расположението.
Но Фробесе советува притоа да не се пренапрегате. Наместо тоа, изберете го она што највеќе ви одговара, било да станува збор за трчање или пешачење.
Извор: puls24.mk