Kремљ: Ограничувањето на цената на руската нафта нема да влијае на офанзивата во Украина

Ограничувањето на цената на руската нафта кое го одредија западните земји нема да има влијание на офанзивата на Москва во Украина, соопшти денеска Кремљ и предупреди на „дестабилизација“ на светскиот енергетски пазар.

Руската економија „ги има сите потребни капацитети“ за финансирање на воената офанзива, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека ограничувањата на цената на руската нафта на 60 долари по барел, што го наметнаа ЕУ, групата Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД) и Австралија, „нема да имаат никакво влијание“.

Кремљ завчера реагираше на официјализирањето на одлуката на ЕУ со порака дека Москва ќе продложи со продажба на руската нафта, при што изрази увереност дека побарувачката нема да биде проблем.

„Таквите чекори неизбежно ќе резултираат со зголемена неизвесност и наметнување повисоки трошоци за потрошувачите на суровини. Без оглед на сегашното флертување со опасен и нелегитимен инструмент, ние сме убедени дека руската нафта ќе продолжи да биде барана“, порачаа од Москва.

Песков, пак, рече дека Русија „не ја прифаќа таа граница“ и потенцираше дека Москва „се подготвила“ за ограничувањето, но без да открие детали.

Во меѓувреме, „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори од бродската индустрија и аналитичари, објави дека Русија годинава тајно набавила 103 танкери како одговор на нафтените санкции од Западот.

Прочитајте и:  Кремљ одби да ги коментира обвиненијата за напад со „Кинжал“

Русија при транспортот на нафта во голема мера се потпира на танкерите, а енергетските консултанти од компанијата „Ристад“ тврдат дека Русија годинава набавила 103 танкери, делумно преку директно купување а делумно преку реалокација на бродови што ги користат Иран и Венецуела (две земји кои исто така се под санкции од Западот), при што целта е Кремљ да организира нешто што во нафтената поморска индустрија се нарекува „руска флота во сенка“, како обид да се заобиколат новите меѓународни ограничувања за руската нафта. Сепак, според трговците, руската „флота во сенка“ ќе го намали влијанието на ограничувањето на цената, но нема да го елиминира целосно.

Казнените мерки на ЕУ и Г7 треба да ја отсечат Москва од глобалната флота на танкери, бидејќи на осигурителите компании им е забрането да ги осигуруваат танкерите што превезуваат руска нафта, без оглед на дестинацијата, освен ако не се продава според шемата за ограничена цена.

Утрово цената на сировата нафта се зголеми за околу 0.6 отсто, на повеќе од 86 долари по барел.

Извор: МИА

- Реклама -