[
Европската централна банка (ЕЦБ) предупреди дека може да ја затвори годината со загуба, бидејќи со зголемувањето на каматните стапки за да се ограничи инфлацијата, ги зголеми и сопствените обврски кон комерцијалните банки.
Во годините на слаб економски раст и ниска инфлација, ЕЦБ ги намали каматните стапки, на банките им понуди поволни заеми и купуваше обврзници со цел да ја поддржи економската активност и ликвидноста во зоната на примена на заедничката европска валута.
Каматната стапка на депозитите на комерцијалните банки е спуштена на негативна територија, на минус 0,5 отсто, за да ги поттикнат да инвестираат пари во стопанството и да ја поддржат потрошувачката.
Како што е наведено, инфлацијата силно зајакна во 2021 година, поттикната од ненадејното закрепнување на активноста од корона кризата, а во оваа година растот на цените дополнително се забрза поради скокот на цените на енергијата под влијание на руската инвазија на Украина и западните санкции против Русија.
За да ја спречи инфлацијата, ЕЦБ ги зголеми каматните стапки, вклучително и каматната стапка на депозитите, која сега изнесува 1,5 отсто. Тоа значи дека сега треба да им плати на комерцијалните банки огромна камата за нивните околу пет трилиони евра депозити што самата им помогна да ги акумулираат.
Проблеми може да предизвика и програмата за купување обврзници, која требаше да резултира со пониски каматни стапки за време на кризата, бидејќи централните банки презедоа дел од ризикот за зголемување на каматните стапки од пазарот.
„Тој ризик сега станува реалност ширум светот, бидејќи низа невидени шокови доведоа до рекордно висока инфлација, против која треба да се бориме со зголемување на каматните стапки, што пак резултира со повисоки каматни трошоци кои треба да ги платиме на (комерцијалните) банки“, објаснуваат од ЕЦБ.
„Во тој случај, добивката ни паѓа, а би можеле дури и да забележиме загуби“, предупредуваат тие.
Како што е посочено, некои од нејзините акционери, како што се германските, холандските и белгиските централни банки, исто така се во неволја, а тоа на крајот може да принуди некои од нив да побараат помош од државата