[
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека главниот град на Украина се подготвува за сè и дека се размислува за евакуација на жителите.
Кличко побара од секој граѓанин на Киев да разгледа различни сценарија и да биде подготвен, бидејќи, како што наведе, воените податоци покажуваат дека руските сили планираат да продолжат со нападите врз инфраструктурата на Украина.
Кличко рече дека би било голема грешка ако не се подготвуваат за различни сценарија, пренесува Униан.
Тој посочи дека властите во Киев прават сè за да спречат целосен прекин во снабдувањето со електрична енергија, но дека е важно да се разбере дека мора да се подготвени за сè.
Кличко истакна дека веќе постои акционен план, дури и во случај на евакуација.
– Не го исклучувам најлошото сценарио. Целосна евакуација нема да има, можеби делумна, но не може да се нарече евакуација. Тоа е привремено преселување на одредени категории луѓе во приградски населби, каде што можат да работат – рече Кличко.
Кличко им порача на граѓаните на Киев дека е неопходно да се обезбеди вода за пиење, храна, топла облека, како и електрична енергија за полнење телефони и лаптопи.