Столтенберг: НАТО го зголемува своето присуство од Балтикот до Црното Море, ќе направиме сè за да ги заштитиме сите сојузници

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Букурешт најави дека Алијансата го зголемува своето присуство од Балтикот до Црното Море и дека ќе направи сè што е потребно за да ги заштити сите сојузници.

На заедничката прес-конференција по средбата со претседателот на Романија, Клаус Јоханис, Столтенберг потсети дека НАТО формираше нови групи за итен одговор на руската агресија врз Украина.

„НАТО го зголемува своето присуство од Балтикот до Црното Море. Воспоставивме нови борбени групи, вклучително и една предводена од Франција, овде во Романија. Канадските борбени авиони помагаат да се одржи вашето небо безбедно, а американскиот систем ‘Патриот’ ја зајакнува вашата одбрана“, истакна тој.

Столтенберг, кој престојува во Букурешт по повод дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, кој почнува утре, додаде дека со тоа се испраќа „јасна порака дека НАТО е тука“.

„Ќе направиме сѐ што е потребно за да ги заштитиме и одбраниме сите сојузници“, потенцираше Столтенберг.

Тој рече дека разговарал со Јоханис „за безбедноста во регионот на Црното Море, што е од стратешко значење за целото НАТО, како и за предизвиците што ги носи нелегалната војна на Русија во Украина“.

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

Фокусот на состанокот на министрите за надворешни работи на членките на НАТО ќе биде зајакнување на поддршката за Украина во нејзината борба против руската инвазија.

Генералниот секретар на НАТО најави дека учесниците на состанокот во Букурешт ќе посветат најголемо внимание на „илегалната војна на Русија“ во Украина, која „продолжува да ги загрозува евроатлантскиот мир и безбедност“.

Министрите на 30-те членки на НАТО ќе се занимаваат и со прашањето за приклучување на Шведска и Финска во Алијансата и активностите на Кина, за која Столтенберг рече дека „го зголемува своето присуство од Арктикот до Западен Балкан и се стреми да ја контролира важната инфраструктура на НАТО сојузници“.

Една од темите на состанокот ќе биде зајакнувањето на помошта за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, „земји партнери кои на различни начини се соочуваат со руски притисок“, појасни Столтенберг.

МИА

- Реклама -