Шефот на „Енергоатом“: Русите се подготвуваат да ја напуштат нуклеарната централа „Запорожје“

Руските сили можеби се подготвуваат да ја напуштат нуклеарната централа Запорожје во југоисточниот регион на Украина, која е под нивна контрола уште од март, набрзо по почетокот на инвазијата. Ова е оценката на шефот на украинската државна компанија за нуклеарна енергија „Енергоатом“ – Петро Котин.

„Во последните недели практично добиваме информации дека се појавиле знаци дека Русите можеби се подготвуваат да ја напуштат централата“, изјави Котин на националната украинска телевизија.

„За почеток, има голем број извештаи во руските медиуми дека би било корисно да се напушти централата и дека можеби би било корисно да ѝ се предаде контролата врз неа на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Човек добива впечаток дека тие ги пакуваат торбите и крадат сѐ што можат да украдат“, рече тој, пренесува Ројтерс.

Прочитајте и:  Кремљ одби да ги коментира обвиненијата за напад со „Кинжал“

Како што оценува агенцијата, таков потег на Русите би претставувал голема промена на бојното поле во регионот Запорожје, каде фронтот практично и не се помести со месеци, но Русија и Украина постојано меѓусебно се обвинуваат за гранатирања на централата и во близина на комплексот со нуклеарните реактори – гранатирања поради кои Запорожје веќе не произведува енергија, но пред сѐ, кои ги зголемија стравувањата од нуклеарна катастрофа.

Сепак, прашан дали е премногу рано да се зборува за заминување на Русите од централата, Котин одговори потврдно:

„Прерано е. Не го гледаме тоа сега, но тие се подготвуваат (да заминат)“, рече шефот на „Енергоатом“, додавајќи дека на целиот украински персонал му е забрането да ги помине воспоставените пунктови и да патува во територии под контрола на Украина.

- Реклама -