Во српското собрание предлог резолуција за воведување санкции против Русија

Потпретседателот на српското Собрание од редовите на опозицијата, Борко Стефановиќ, соопшти дека до Комисијата за надворешни работи испратил предлог резолуција за усогласување на надворешната политика на Србија со политиката на Европската унија, со која се предлага воведување соодветен пакет санкции против Русија кои Владата би морала веднаш да ги спроведе, јави дописникот на МИА од Белград.

„Ние сме единствениот кандидат за членство во ЕУ кој нема воведено рестриктивни мерки против Русија. Се ставаме во реална опасност повторно да бидеме изолирани“, изјави Стефановиќ на прес-конференција во Собранието.

Како што појасни, Србија е во реална опасност повеќе од 10.000 компании да се најдат во тешка ситуација, да се загрозат 300.000 работници вработени во компании од ЕУ, како и трговска размена со Унијата, што е 60 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.

Според Стефановиќ, Србија не смее да се најде „од другата страна на виртуелниот Берлински ѕид, кој повторно се гради“.

Според него, воведувањето пакет санкции од Србија нема да ја загрози Русија, „тоа би било од скромен обем“, но доколку тоа не се случи, позицијата на државата во однос на Косово би била отежната, како и политичките и економските односи со ЕУ.

Тој најави дека до крајот на ноември предлог-резолуцијата ќе се најде на Комисијата за надворешни работи чиј претседавач е тој и дека за неа ќе се расправа и се надева дека ќе се најде и на дневен ред на Собранието на Србија.

Прочитајте и:  Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

„Мораме да ѝ помогнеме на сопствената земја да ја избегне опасноста од изолација. Србија поради својата чест и интереси не може да стои настрана и да се прави дека не ги гледа промените што се случуваат. Не треба да следиме емоции, туку интереси“, заклучи Стефановиќ.

Инаку, на денешната седница на Европскиот парламент беше усвоена резолуција за проширување на ЕУ со која се препорачува напредокот на Србија кон ЕУ да биде условен со воведување санкции против Русија, како и со видлив напредок во реформите. Попрецизно, Србија треба систематски да се усклади со рестриктивните мерки на ЕУ и општата политика кон Русија, како и да покаже „напредок во демократијата и владеењето на правото“ и да ги прифати „вредностите и приоритетите на ЕУ“.

Усвоен е и амандман со кој, меѓу другото, се препорачува преиспитување на претпристапните фондови за Србија и проектите финансирани од нив, а со цел „да се осигура дека сите расходи во ЕУ се целосно во согласност со стратешките цели и интереси на Европската унија“.

Во документот стои и дека е неопходно да се зајакне конструктивниот ангажман на ЕУ со властите на Србија и Косово за да се постигне сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Резолуцијата на Европскиот парламент е необврзувачка, но е и силна политичка порака во која насока размислува ЕУ.

Извор: МИА

- Реклама -