Зеленски го повика НАТО да ги заштити украинските нуклеарни централи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика членките на НАТО да гарантираат заштита на украинските нуклеарни централи од „руска саботажа“.

Во видео-обраќањето пред Парламентарното собрание на НАТО во Мадрид, Зеленски рече дека сите сакаат да се сигурни дека нема да има опасни инциденти во нуклеарните централи и дека е „потребна загарантирана заштита од руска саботажа во нив“.

Повикот на Зеленски доаѓа откако викендов за малку беше избегната нуклеарна катастрофа по бројните гранатирања на најголемата нуклеарна централа во Европа – „Запорожје“, за кои Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат.

Москва вчера јави дека гранати биле испукани од Украина и паднале во близина на сув магацин. Ренат Карча, советник во рускиот оператор за нуклеарна енергија „Росенергоатом“, изјави дека 15 гранати биле испукани врз објектите на централата.

Украинскиот оператор „Енергоатом“, пак, обвини дека токму руските сили стојат зад гранатирањата. Според компанијата, имало најмалку 12 напади врз инфраструктурните објекти на централата, а списокот со оштетена опрема покажувал дека напаѓачите „ја таргетирале и ја оневозможиле самата инфраструктура која била потребна за да се рестартираат блоковите 5 и 6“ и да обнови производството на електрична енергија за потребите на земјата.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека „силни експлозии“ во саботата и неделата ја потресле областа на нуклеарната централа Запорожје

„Експертите на МААЕ во Запорожје известуваат за десетина и повеќе експлозии од очигледно гранатирање и оштетени се некои згради, системи и опрема на локацијата, но ниту една досега не е критична за нуклеарната безбедност и сигурност“, соопшти МААЕ.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

Директорот на агенцијата – Рафаел Гроси, повика гранатирањето веднаш да престане. „Кој и да стои зад ова, мора веднаш да престане. Како што реков многу пати досега, си играте со оган!“, критикуваше Гроси.

Тој го повтори својот апел до двете страни во конфликтот да се договорат и што е можно поскоро да создадат зона за нуклеарна безбедност и сигурност околу Запорожје. Во последните месеци тој се вклучи во интензивни консултации со Украина и Русија за формирање на таква зона, но засега нема договор.

„Не се откажувам додека оваа зона не стане реалност. Како што покажува тековното очигледно гранатирање, тоа е потребно повеќе од кога било“, рече Гроси.

Кремљ, пак, денеска исто така изрази загриженост за безбедноста на нуклеарната централа Запорожје, а шефот на руската државна агенција за нуклеарна енергија „Росатом“ – Алексеј Лихачов, предупреди дека постои ризик од нуклеарна несреќа. Според Москва, светските сили треба да го натераат Киев да стави крај на тие напади.

„Постројката е во опасност од нуклеарна несреќа. Цела ноќ водевме преговори со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, посочи Лихачов.

Тој посочи дека МААЕ повикала на формирање безбедносна зона околу нуклеарката, но укажа дека тоа би било можно само со одобрување од САД.

Извор: МИА

- Реклама -