Силата на Москва не треба да се потценува и покрај неодамнешните успеси на Киев на фронтот, предупреди денеска Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска го посети јужниот град Херсон кој беше ослободен во досега третото големо руско повлекување од почетокот на војната во февруари.
„Не треба да направиме грешка и да ја потцениме Русија. Руските вооружени сили задржаа значителни капацитети, како и голем број војници“, посочи Столтенберг за време на заедничката прес-конференција со претставници на холандската влада во Хаг.
„Следните месеци ќе бидат тешки. Целта на Путин е да ја остави Украина оваа зима во студ и мрак. Затоа, мораме да останеме на курсот“, дополни тој.
Следејќи ги коментарите на американскиот државен секретар Антони Блинкен, и Столтенберг денеска потенцираше дека Украина е таа што треба да одлучи кога и како сака да преговара со Русија за ставање крај на војната.
„Во моментов тие плаќаат највисока цена во загуба на човечки животи и штета врз земјата. Така што, на Украина е да одлучи кои услови се прифатливи за неа“, рече генералниот секретар на НАТО.
Тој подвлече дека „тоа што се случува околу масата е суштински поврзано со ситуацијата на бојното поле“. Она што треба да се направи, заклучи, е да се поддржи Украина и да ја зајакнат за во одреден момент да има преговори.
Извор: МИА