Рама за внесувањето на Бугарите во Уставот: Враќање назад би било фатално, никој не треба да биде оставен надвор од Уставот

Во Уставот на Северна Македонија има голем број малцинства што се веќе се внесени и тој модел е веќе познат, па нема потреба да се отстапува од него и не е проблем тој да биде  надополнет, оцени албанскиот премиер Еди Рама на новинарско прашање за уставните измени по прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски, по заедничката владина седница на владите на двете земји која се одржа во Скопје.

Рама, потенцирајќи дека патот за започнување на преговорите бил тежок и долг и за двете земји, изрази надеж дека Македонија нема, како што рече, „да се врати во минатото“ и да се самоизолира. Тоа, според него, би бил неразбирлив потег.

„Вашиот Устав има голем број на малцинства што се внесени, а тоа значи дека е тој еден веќе познат модел. Тој не е некоја измислица во однос на уставите на нашата планета и тоа треба да се надополни. Тоа е многу едноставно“, рече Рама.

Тој го посочи примерот од неговата земја:

„Не знам колку ќе помогне, но сакам да ви кажам дека ние имаме некаков поинаков модел, но ние во Парламентот признаваме еден не мал број на малцинства, вклучувајќи го и бугарското малцинство – кое има свое скромно присуство, но постои во Албанија – и не мислам дека сме станале некоја закана кон некое малцинство“, рече Рама, додавајќи дека малцинствата се големо богатство и дека од взаемен интерес е тие да се чувствуваат што подобро во земјата во која живеат, а не да се чувствуваат како да постои разлика во однос на останатите граѓани кои, во случајов, се граѓани Албанци, со албанска националност.

Враќање во минатото и самоизолација за Македонија би било неразбирливо затоа, како што рече, Северна Македонија има одредена горделивост за направеното и на меѓународно ниво на тоа се гледа со голема почит:

„Се гледа, со едно убедување од сите, дека се направени епохални напори во однос на евроатлантскиот пат и тоа има големо значење за сите – и за економијата, и за социјалниот развој, и за сите внатрешни процеси. Така што мислам дека малку одложив, но за мене ќе биде фатално да имаме враќање назад, да бидеме затворени во историјата. Тоа што е минато е минато, а не треба да биде никаков проблем тоа што голем број на малцинства се вклучени во вашиот Устав. Мислам дека сето тоа е значајно и дека не треба да се остави никој, макар и еден да биде надвор од тој Устав“, оцени Рама.

Извор: МИА

- Реклама -