Османи од Софија: Важно е македонските граѓани да не бидат провоцирани за идентитетот и јазикот

„Целта на мојата посета на Софија е продлабочување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и зајакнување на институционалната соработка“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за емисијата „Светот и ние“ на Бугарската национална телевизија (БНТ).

Како што јави дописникот на МИА од Скопје, Османи во интервјуто изрази жалење што оние кои прават обиди да ги влошат македонско-бугарските односи добиваат повеќе на значење во двете земји, од она што е постигнато меѓу институциите.

Тој посочи дека годинава првпат трговската размена меѓу двете земји ќе достигне една милијарда евра, што е резултат на напорната работа на бизнисите од двете страни од границата, но тоа не е видливо за јавноста, туку вниманието е насочено кон провокациите.

„Од двете страни има луѓе кои создаваат тензии и предизвикуваат провокации. Мора да им се спротивставиме на овие провокации“, изјави шефот на дипломатијата.

Според Османи, соработката треба да се воспостави не само меѓу политичарите, туку и меѓу претставниците на сите сегменти на општествата на двете земји и таа треба да бидат еден вид мрежа која ќе опстои, дури и кога би се нарушиле политичките односи.

„За тоа треба сеопфатна соработка не само меѓу нас, министрите Османи и Милков, туку и меѓу универзитетите, студентите, докторите… На тој начин да се создаде комплекс од мрежи кои ќе ја одржуваат изградбата на добри односи меѓу нашите две земји и тие да не зависат од политичарите, кои се зависни од внатрешната динамика. Очигледно е дека некој нема интерес за добри односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Има трети земји кои не сакаат регионот на Западен Балкан да биде стабилен и двајца НАТО сојузници да имаат добри односи“, изјави Османи.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Според него, добрата вест е дека оние кои во Бугарија се обиделе да градат политичка кариера делувајќи против Македонија, не ја добиле поддршката од бугарските граѓани на парламентарните избори.

„Важно е, кога станува збор за идентитетот и јазикот, македонските граѓани да не се провоцираат, бидејќи тие стануваат чувствителни и тоа го ограничува просторот да се фокусираме на прашањата кои навистина се дел од Договорот од 2017 година, како што е работата на историската комисија и сите други сектори, како и на патот кон ЕУ“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата потенцира дека Договорот што беше потпишан во областа на енергетиката меѓу двете земји, освен што е многу важен, има и симболично значење затоа што ова ќе биде првиот договор што ѝ дава можност на Македонија да добива друг гас освен рускиот, што е почеток на големиот проект за диверзификација на изворите на енергија.

„Овој договор има врска и со безбедноста и со геополитиката“, додаде Османи во интервјуто за БНТ.

Во однос на уставните измени министерот Османи најави дека тие треба да влезат во процедура во текот на наредните месеци.

„Процесот на консултации за ова прашање, но и за другите сегменти, е веќе започнат меѓу политичките партии во Собранието“, додаде Османи, изразувајќи желба уставните измени да бидат прифатени со највисок степен на консензус.

- Реклама -