Петровска: Поради мојот цврст став кон неправедната војна против Украина и самата сум жртва на хибридни напади

Со донациите за Украина не се нарушува борбената готовност на земјава, повтори денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Во однос на одлуките за испраќање помош на Украина, Петровска потенцираше дека тие не се кријат од јавноста туку се класифицираат деталите од практични причини. Одлуките, подвлече Петровска во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ24, се детално заведени во архивата на Министерството за одбрана и кога ќе има можност ќе бидат детално објавени.

„Најбитно е дека сѐ што сме донирале ѝ требало на Украина и дека не станува збор за реклама“, оцени Петровска.

Министерката за одбрана не очекува дека ќе има развој на борбените дејствија од Украина пошироко во Европа.

Во однос на евентуалното членство на Украина во НАТО, Петровска истакна дека тоа не може да се случи сега затоа што земјата не ги исполнува условите. Сепак, подвлече, земјата добива и ќе добива помош од Алијансата.

„Украина не војува, Украина ја брани својата територија“, констатираше Петровска.

Што се однесува до безбедноста на земјава, Петровска порача дека Македонија е безбедна држава која, како и сите други земји, е изложена на кибер и хибридни напади. Целта на овие закани и напади, оцени таа, е предизвикување недоверба и несигурност во општеството, повикувајќи ги граѓаните да имаат доверба во институциите.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

„Институциите во државата си ја вршат работата и граѓаните треба да имаат доверба“, порача Петровска.

Таа истакна и дека и самата е жртва на хибридни напади, а причината, претпоставува, е „нејзиниот цврст став кон неправедната војна против Украина“, како што самата рече.

„Нашите позиции за Украина не беа поттикнати од инструкциите од НАТО, туку беа изградени во рамки на институциите. Ние сме независна држава, а нашиот глас се слуша во Алијансата, бидејќи сме рамноправна членка“, истакна Петровска.

Министерката уверува дека сите безбедносни организации во државата соработуваат меѓу себе, а нејзините очекувања се сите институции да реагираат во рамки на своите надлежност и да ги обесхрабрат ваквите напади.

„Власта, вклучително и судската, треба да обезбеди безбедност и сигурност на граѓаните“, вели Петровска.

Закани од конвенционален тип врз земјава немаме, а секогаш кога имаме какво било предупредување институциите преземаат мерки, без оглед што се води војна на европско тло, додава министерката.

Во однос на Армијата, Петровска нагласи дека има раст на буџетот за неа согласно членството во НАТО, но сепак, тврди, со разбирање на кризната состојба во која се наоѓа државата.

Извор: МИА

- Реклама -