Пивоваров за МИА: Дојави за бомби се случуваат во важни политички моменти, кај нас се поклопија со доаѓањето на Фон дер Лајен

„Граѓаните да бидат спокојни. Секако дека службите ќе одговорат на овој предизвик, а целта е вознемирување, праќање порака и се случува во многу важни моменти за државата со цел да се наруши нејзиниот углед“, изјави денеска за МИА експертот во областа на безбедноста и национален координатор за гранично управување – Владимир Пивоваров, по лажните дојави за бомби во неколку училишта во Скопје.

Ваквите состојби, вели тој, се случуваат во одредени моменти и тоа не е случај само кај нас, туку и во регионот – како во Србија, Црна Гора и во Албанија.

„Се случува кога има некои настани, кога имаше некои посети, некои носења на политички одлуки, значи во тие моменти почнуваат тие, така почна и кај нас. Значи не вчера, завчера првите пет дојави што беа, беше точно тајмингот поклопен со времето на доаѓањето на европската комесарка и на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, и потпишувањето на Фронтекс“, вели Пивоваров.

Тоа е момент кој треба сериозно да се истражи и, како што посочува, треба да се открие кој стои зад овие наводни хакерски напади или, според него, можеби мобилистички желби или идеи.

Штетите од ваквите дојави се големи – чинат многу пари поради ангажирање на полицијата и технички и кадровски служби, а секако, и учениците губат часови и се создава нервоза кај населението, посочува Пивоваров.

„На секој ваков настан мора сериозно да се пристапи, бидејќи не се знае во старт дали е лажна или вистинита. И во Србија беше еден временски период и престана. И во Загреб“, додаде тој.

Според Пивоваров, во Србија ваквите дојави биле поврзани со политички, пред сѐ крупни настани (каков што, вели, кај нас беше потпишувањето на договорот со Фронтекс) особено кога требало да се преговара со Лајчак за ситуацијата Србија-Косово.

Во однос на изворот на лажните дојави, Пивоваров потенцира дека теоретски, може да доаѓаат од било каде.

„Не мора да значи дека е токму од кај нас, може да е од таму некаде, може да е од трета земја, четврта. Но гледам дека во сите случаи и во регионот, сите закани детектирани се дека доаѓаат од некои странски земји. Значи никој не се осудува од државава да упати закана, бидејќи многу лесно ќе биде откриен. Тоа е нормален начин како тие сакаат да ги скријат трагите, односно да си ја постигнат својата цел“, вели експертот за МИА.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, коментирајќи ги можните причини за дојавите за бомби, оцени дека може да се политички, геостратешки, па и бизнис мотивирани, но дека се знае дека заканите се испратени од странство.

„Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно сѐ со цел да дојдеме до сторителот“, рече министерот.

Завчера дојави за бомби имаше во осум скопски средни училишта. Вчера дојави за бомби имаше во девет училишта во главниот град. Денеска, трет ден по ред, имаше уште една дојава за бомба во едно училиште во Скопје. Полицијата утврди дека сите се лажни, вклучително и денешната.

Извор: МИА

- Реклама -