Голем дефицит во електроснабдувањето во Киев по ноќешните руски напади

Киевската област, вклучувајќи го и самиот главен град на Украина, се соочува со дефицит во производството електрична енергија од 30 отсто по ноќешните руски напади врз енергетската инфраструктура, соопшти денеска регионалниот гувернер, Олексеј Кулеба.

„Синоќа непријателот ги оштети објектите од енергетската инфраструктура на нашиот регион. Голем број објекти од клучно значење се онеспособени“, рече Кулеба во видео-порака објавена преку Телеграм.

Воената администрација на регионот Киев предупреди дека областа мора да биде подготвена на „прекини на електрична енергија на неодреден период“ поради руските напади.

Украинската државна компанија „Укренерго” претходно денеска соопшти дека руските сили во текот на ноќта ја погодиле електродистрибутивната мрежа во централните региони на Украина и дека се можни дополнителни енергетски ограничувања. Како што информираше компанијата, оштетена е опремата на главната мрежа на украинскиот енергетски систем во централните региони.

Прочитајте и:  Путин потпиша декрет дека нуклеарното оружје останува последната линија на одбраната

Како што посочуваат агенциите, во последниве недели Русија ги засили нападите врз клучната украинска инфраструктура, вклучително и електричната мрежа, оставајќи неколку милиони Украинци без струја и греење.

Извор: МИА

- Реклама -