Хил: САД се разочарани и загрижени поради одлуката на Курти за табличките

Белград, 27 октомври 2022 (МИА) – Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил денеска изјави дека САД се разочарани и загрижени поради одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да не го продолжи рокот за пререгистрација на возила со српски таблички и покрај повиците на земјите од Квинта и Европската Унија, јави Бета.

„Владата на САД, заедно со нејзините меѓународни партнери, во повеќе наврати бараше од Владата на Косово да го продолжи периодот на имплементација на пререгистацијата на возилата. Разочарани сме и загрижени поради одбивањето на Владата на Косово да ги прифати барањата и советите од нејзините најблиски меѓународни партнери по ова прашање“, појасни Хил за Блиц.

Како што истакна Хил, САД „ги повикуваат Косово и Србија да продолжат да учествуваат во дијалогот што го посредува Европската Унија“.

Курти во вторникот изјави дека нема да биде продолжен рокот за пререгистрација на возила со српски таблички и покрај барањата на Западот да биде поместен за десет месеци.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

Сопствениците на возила со српски регистарски таблички имаат рок да ги пререгистрираат на косовски до 31 октомври. Властите во Приштина се закануваат дека ќе ги запленат возилата што нема да бидат пререгистрирани.

По седницата на Советот за национална безбедност, претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска истакна дека Белград е подготвен да ги укине КМ табличките, но, под услов на Србите од Косово да им биде дозволено да користат статусно неутрални КС таблички, а не исклучиво РКС ознаки што ги бара Приштина.

Вучиќ додаде и дека сите претходни договори предвидуваат користење или КС или РКС таблички, а оти Приштина сега инсистира исклучиво на пререгистрација на РКС ознаки.

- Реклама -