Истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осум скопски средни училишта е во тек, а полицијата ги знае првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју на Националната телевизија.
„Најважно е да успееме да ги откриеме сите IP адреси“ од каде што доаѓа овој „монструозен чин“, без оглед дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, рече Спасовски.
Казните за сторителите, смета министерот, треба да бидат најстроги, со оглед на тоа дека таргет се училишта и со оглед на вознемиреноста што е предизвикана пред сѐ кај децата, но и родителите и генерално граѓаните.
„Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија“, порача Спасовски.
Во тој контекст министерот потсети и на дојавата за бомба во автобус на ЈСП од пред неколку дена:
„Ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните“, заклучи Спасовски.
Неколку часа по интервјуто на Спасовски, осум скопски училишта и денеска пријавиле дека им стигнале нови дојави за поставени бомби.