Шефот на ЦИА неодамна бил во Киев, имало тензии меѓу САД и Украина за нападот на мостот на Крим

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) – Вилијам Брнс, неодамна месецов бил во посета на Украина и се сретнал со високи официјални лица на украинското разузнавање и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави New York Times.

Според службеното лице кое разговарало со весникот, а под услов да остане анонимно поради тајноста на патувањето на Брнс, шефот на ЦИА го посетил Киев за да дискутира за продолжителната разузнавачка соработка со Украина и за да ја засили поддршката од Вашингтон во војната против Русија.

New York Times потсетува и дека американското разузнавање било и продолжува да биде од критична важност во помошта за Украинците да ги таргетираат мунициските депоа зад линиите на фронтот, како и напаѓачките команди и контролните јазли, и да наоѓаат слабости во руската одбрана кои, како што потенцира весникот, Киев ги искористи во своите контраофанзиви.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

Не е јасно колку патувања Брнс имал во Украина, но, како што се посочува, тој отпатувал во Киев непосредно пред почетокот на инвазијата, со сериозно предупредување до Зеленски да ја засили одбраната на главниот град. Тоа патување, според претходни изјави на службени лица, им помогнало на Украинците да ја подобрат одбраната на блискиот аеродром Хостомел и да ги одбијат нападите на елитните руски падобрански трупи.

Американските официјални лица велат дека соработката со Украина продолжува и односите меѓу високото американско и украинското лидерство остануваат силни, и покрај извесните тензии меѓу нив. Тензии меѓу САД и Украина, посочува New York Times, имало околу тајните напади на Киев во границите на РУсија и нападот на мостот на Крим. Американски службени се уверени дека тајната кампања на Киев била дистракција од украинската контраофанзива на југот и североистокот од земјата.

- Реклама -