Пет средни училишта во Скопје евакурани поради дојави на бомби

Пет средни училишта во Скопје денеска беа евакуирани откако преку имејл адреси добиле закани дека во нивните објекти е поставена бомба. Како што објавија медиумите, се работи за СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Јосип Броз Тито“, како и АСУЦ „Боро Петрушевски“.

Дојавите, потврдиле за МИА од МВР, се доставени до СВР-Скопје и веднаш по добиените пријави се евакуирани учениците и вработените.

По добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, наведуваат од МВР.

Сојузот на средношколци, преку соопштение, изрази загриженост за дојавите за поставени бомби.

„Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Република Србија. Сојузот ја поздравува брзата акција на безбедносните служби. Ограноците на Сојузот нè информираа дека евакуацијата е целосно спроведена, а настава нема да има за учениците од втората смена“, стои во соопштението.

Тие апелираа на зголемување на безбедноста во средните училишта.

„Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени, бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедностите и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес“, се вели во соопштението.

Извор: МИА

- Реклама -