Стејт Департмент: Русија ќе се соочи со последици ако употреби „валкана бомба“

Русија ќе се соочи со последици доколку употреби „валкана бомба“ или нуклеарно оружје, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, додека генералниот секретар на НАТО ги отфрли руските тврдења дека Украина има намера да употреби „валкана бомба“.

На прашањето дали Вашингтон ќе ја третира употребата на „валкана бомба“ на ист начин како и употребата на нуклеарна бомба, Прајс рече дека „ќе има последици“ за Русија во секој случај.

„Дали ќе употреби ‘валкана бомба’ или нуклеарна бомба, бевме јасни по тоа прашање“, рече Прајс.

За наводните планови на Киев да изведе ваква „провокација“, како што обвини Москва, вечерва, на иницијатива на Русија, зад затворени врати ќе расправа Советот за безбедност на ОН. Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, испрати писмо до Советот за безбедност и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во кое ги повторува обвинувањата за провокации на Украина. Русија го повика Гутереш „да направи сѐ што може за да го спречи ова грозоморно злосторство“.

„Употребата на ‘валкана бомба’ од страна на режимот во Киев ќе ја сметаме за акт на нуклеарен тероризам. Ги повикуваме западните земји да влијаат врз режимот во Киев да се откаже од своите опасни планови кои го загрозуваат меѓународниот мир и безбедност“, напишал Небензија во писмото до Гутереш и Советот за безбедност.

Украина и Западот, пак, веќе ги отфрлија тврдењата на Русија дека Украина планира ваков чекор и ја обвинија Москва дека токму таа планира да го стори тоа – според украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинението е знак дека Москва планира таков напад и дека ќе го обвини Киев. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, прашан за ваквото контра-обвинување од Зеленски, рече дека не заслужува сериозен одговор.

Тврдењата дека Киев планира да употреби „валкана бомба“ и да ја обвини Русија ги отфрли и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Сојузниците на НАТО ги отфрлаат руските обвинувања. Русија не смее да го користи ова како изговор за ескалација“, рече тој.

И државниот секретар на САД – Ентони Блинкен, синоќа во разговор со украинскиот колега Дмитриј Кулеба, изјавил дека САД ги отфрлаат „лажните наводи на руските власти“.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

„Светот ќе ги прозре сите обиди на Русија да ги искористи овие наводи како изговор за ескалација“, порачал Блинкен, слично како министрите на Франција, Велика Британија и САД.

Тие, во заедничко соопштение, ги оценија како „лажни“ изјавите од Москва, со порака дека „никој нема да биде измамен ако Русија го интензивира конфликтот во Украина под изговор дека Киев ќе употреби ‘валкана бомба’ на своја територија“.

„САД внимателно го набљудуваат развојот на настаните околу воинствената реторика на Русија со заканите за нуклеарен удар и наводите за „валкана бомба“ и тие закани ги земаме доста сериозно“, изјави вчера и Џон Кирби од Националниот совет на безбедност на Белата куќа, додавајќи дека „нема апсолутно никаква вистина во руските наводи дека Украинците планираат и прават нешто поврзано со валкана бомба“.

Сепак, Кирби истакна и дека ништо во руските наводи не укажува на тоа дека Москва, наместо Киев, планира употреба на нуклеарно оружје или подготвува „валкана бомба“.

„Нема никакви физички потврди за ова“, рече Кирби и потврди дека нема промена ниту во состојбата на американските нуклеарни сили.

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на ОН, на барање на официјален Киев, се подготвува во следните неколку дена да испрати инспектори кои ќе треба да испитаат две нуклеарни локации во Украина за наводни активности, како одговор на руските тврдења дека Украина може да употреби „валкана бомба“.

Како што велат од агенцијата, двете локации претходно веќе биле предмет на нејзини инспекции, а едната од нив пред еден месец.

Што се однесува до Советот за безбедност на ОН, истиот досега одржа десетици состаноци за Украина, но не можеше да преземе никакви значајни мерки бидејќи Русија има право на вето, заедно со САД, Кина, Велика Британија и Франција.

Во ОН, пак, Русија е дипломатски изолирана. Претходно месецов, три четвртини од Генералното собрание од 193 членки и 143 нации гласаа за осуда на рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири делумно окупирани региони во Украина, при што ги повикаа сите земји да не го признаат потегот.

Извор: МИА

- Реклама -