Претседателот на државата, Стево Пендаровски, упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
На овој ден, посочи претседателот, се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои неможејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893-та година ја формираа Македонската револуционерна организација.
„Инспирирани од оваа идеја, генерации родољуби се вклучија во долгата борба за слободна македонска република, втемелена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера. Таа храбра визија што ги поврза Илинден 1903 и АСНОМ 1944, конечно се реализираше на 8 септември 1991 година во независната македонска држава“, вели шефот на државата.
Нашата генерација, нагласува тој, минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност. Европа и светот се соочуваат со економска и енергетска криза што беа иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени поради војната во Украина, потенцира Пендаровски, повикувајќи на единство во соочување со предизвиците.
„За успешно да се справуваме со овие предизвици треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме Република Северна Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции. Како земја во која ќе владее правото а неправдата е санкционирана, во која младите генерации ќе можат достоинствено да живеат со еднакви можности за напредок“, порача Пендаровски по честитката.