Мицкоски: Нема чепкање на Уставот додека нема гаранција од Брисел; Политичарите Албанци да престанат да ги потценуваат Албанците во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи отворање и интервенции во Уставот сѐ додека Европската Унија не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од источниот сосед, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски, кој беше во посета на Општина Аеродром и заедно со градоначалникот Тимчо Муцунски присустуваше на отворање на детска градинка.

„Кога некој од Европа и од Брисел ќе дојде и ќе даде јасна гаранција пред овој македонски народ и пред граѓаните на Македонија, тогаш ќе можеме да седнеме и да разговараме за сѐ. Дотогаш, нема промена на Преамбулата и нема интервенции во Уставот“, рече Мицкоски.

Прашан за условите што ги поставуваат/најавуваат пратениците Албанци за да дадат поддршка за други народи во Преамбулата, конкретно албанскиот јазик да стане официјален во земјата, Мицкоски оцени дека тоа е непринципиелно и неевропски.

„Ако ме прашувате за процесот на менување на Преамбулата на Уставот со цел вклучување на делови на народи, па како реакција на тој процес се јавува тој процес, можам да кажам дека е непринципиелно и неевропско, затоа што вие ако верувате во европската агенда како што велат, треба да веруваат безусловно, а не со услови. Тоа е суштината на тој процес“, рече лидерот на најголемата опозициска партија, потенцирајќи дека под овие околности под диктат и ултиматум, ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи на промена на Преамбулата, затоа што тоа ќе биде понижувачки.

„Затоа што нашата цел не е започнување на преговорите, кои според Владата се започнати, туку нашата крајна цел е да биде Македонија дел од ЕУ. И ние сме подготвени за тоа да разговараме да добиеме определени гаранции дека ова е последно барање, дека нема да бидеме дополнително предмет на вето од страна на нашиот источен сосед, дека нема да бидеме предмет на асимилација и хегемониско однесување“, додаде Мицкоски.

За односите со Бугарија, тој посочи дека изминативе месеци теми не се проекти и соработка, туку историјата и негирање на македонското наследство. Негирањето на Кирил Пејчиновиќ, темите за Самоиловата држава и Кирил и Методиј, и други слични, оцени Мицкоски, се јасни показатели како ќе се води процесот преговори понатаму.

Прочитајте и:  Филипче до Мицкоски: Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете „Северна“, еве ви шанса

„Затоа ние велиме: Наша цел е да бидеме дел од ЕУ. Тоа е наша цел и цел на нашите граѓани. Велиме пречка било внесувањето на дел од бугарскиот народ во Преамбулата… а дали Македонскиот народ има гаранција ако тоа се случи? Нема гаранција. Кога некој од Европа и од Брисел ќе дојде и ќе даде јасна гаранција пред овој македонски народ и пред граѓаните на Македонија, тогаш ќе можеме да седнеме и да разговараме за сѐ. Дотогаш нема промена на Преамбулата и нема интервенции во Уставот“, категоричен е тој.

Во врска за јазичните барања од албанскиот блок, Мицкоски истакна дека употребата на албанскиот јазик е предмет на Законот за јазици, кој е пред Уставниот суд.

„Во едно интервју кажав дека треба да ја почекаме одлуката на Уставниот суд. Доколку мислите на онаа норма од дваесетина проценти, исто така многу пати во минатото сум кажал, подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија, и притоа треба да разговараме и за нормата Бадентер, за нормата балансер, да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка, или дел од некаква квота или процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкуретни, имаат знаење и.т.н“, рече Мицкоски.

„Се надевам дека политичарите Албанци во Македонија нема повеќе да ги потценуваат граѓаните Албанци во Македонија и нема да ги третираат како процент, туку како рамноправни граѓани, па ќе седнеме и ќе договориме конечно нормите Бадентер и балансер да бидат избришани и заедно со тоа со сите останати работи и барања да разговараме“, додаде тој.

- Реклама -