Ковачевски: Никој ниту ги намалува платите на вработените, ниту нивните права

Работниците и синдикатите да бидат мирни, никој ниту ги намалува платите на вработените, ниту нивните права, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги реакциите од синдикатите по Планот за фискална консолидација што го усвои Владата за намалување на трошоците во буџетските институции.

„Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза“, рече Ковачевски, во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која беше претставен новиот модел за субвенции во земјоделството.

Тој соопшти дека е донесена одлука да бидат ревидирани менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем е задолжена да ја дефинира новата форма.

Ковачевски прецизираше дека консолидацијата на расходите во државните институции, вклучително и на јавните претпријатија и трговските друштва преку консолидација на трошоците за плати, не значи намалување на платите.

„Тоа значи рационализација и оптимизација на вработените коишто секој ден се на работа во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, бидејќи секој раководител, секој директор во секоја институција треба да поседува знаење за да може да управува со ресурсите коишто му се доделени. Тие мора да воспостават системи во зависност од природата на работата и да воспостават работа од дома. Да воспостават 30 проценти, на пример, од вработените да бидат на таква ротација. Треба да воведат ротирање на вработените и притоа кога ќе го направат тоа, ќе се намалат трошоците за електрична енергија, за греење, оперативни трошоци. Со тоа се намалуваат трошоците поврзани со вработените“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека треба да се делува и во усогласување на платите затоа што постојат, како што рече, институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат, на пример, претседателот на државата или министрите.

Прочитајте и:  Митева: Најавеното покачување во образованието се реализира, октомвриската плата е зголемена за 5%, продолжува растот на платите до минимум 46%

„Раководителите на институциите, на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени, да се намалат или да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени саати, кои може да се менаџираат и со годишни одмори кога и како ги добиваат вработените. Постојат повеќе алатки, инструменти и практики коишто менаџерите во овие институции можат да ги користат, но тоа не значи дека некој ќе дојде кај некого и да го намали договорот за работа и да добиваат помала плата. Целта е сите да добиваат поголема плата, но да се зголеми ефикасноста, како во делот на договорни услуги, дали на пример, вие имате редовно вработени и имате вработени под договор“, посочи Ковачевски, истакнувајќи дека намалувањето на трошоците за плати не значи и намалување на платите на вработените.

Како што нагласи премиерот, Планот на Владата е за намалување на трошоците секаде каде што е можно и за зголемување на приходите, бидејќи секогаш има и приходна страна, дали институциите ефикасно ги наплаќаат своите приходи, дали ги реализираат ефикасно и брзо фактурите. Тој најави дека ќе побара на седница на Владата информација колку камати се плаќаат за задоцнети фактури. Сѐ тоа се работи, вели Ковачевски, што мора на дневно ниво да ги прави еден раководител, а ако не може да го прави тоа тогаш тој не е за раководител.

Прашан дали би предложил намалување или донирање на неговата или платата на министрите, Ковачевски рече дека тоа се приватни работи на секој министер, додавајќи дека тој имал такви активности во животот, но никогаш не ги правел тоа со реклама.

„Платата може да се донира, секој може солидарно да донира и да прави активности со кои може да помогне“, рече Ковачевски, потенцирајќи дека тој лично не верува во луѓе кои „работат без плата“.

МИА

- Реклама -