Апасиев: Џафери само купува време, во негов стил, силеџиски, само сега со друга финта

Лидерот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, изјави дека враќањето на нивната иницијатива за референдум од страна на претседателот на Собранието – Талат Џафери, е само купување време, но дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат.

„Иницијативата не е одбиена. Значи, ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ДПМНЕ. Ако правилно го читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние впрочем тоа и ќе го направиме“, рече вечерва Апасиев во изјава за ТВ „Сител“.

Тој смета дека правното толкување на Џафери, кое што е неиздржано, е дека заклучокот бил став а не бил акт и, според тоа, прашањето не било соодветно поставено.

„Имено, тој го занемарува членот 24 од Законот за референдум и други одлуки на непосредно изјаснување на граѓаните, каде што вели дека дополнителен референдум, каков што ние бараме, може да се распише за други прашања за кои одлучувало Собранието. Токму такво прашање, значи не се бара акт туку прашање е заклучокот, односно заклучоците коишто ние ги ставаме на референдум. Оттука, ова враќање на спикерот Џафери е само добивање време, односно купување време“, подвлекува Апасиев.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Тој го повтори ставот дека доколу Џафери ја отфрли иницијативата откако ќе ја коригираат, ќе почнат со целосна блокада на Собранието.

„Се надеваме дека нема да се дрзне, бидејќи во спротивно ќе го блокираме целото Собрание затоа што тоа не е негова своина, не е негова сопственост и за ова одбивање ќе добие и соодветен поднесок од мене против него лично, бидејќи како физичко лице ми ги објавил моите лични податоци, што исто така е кривично дело“, вели Апасиев.

Извор: МИА

- Реклама -