Кремљ ја критикува „провокативната нуклеарна реторика“ на Западот: „Жалиме што САД и Европа користат нуклеарна реторика секој ден“

Москва, 12 октомври 2022 (МИА) – Кремљ денеска ги критикуваше западните лидери за „провокативна“ нуклеарна реторика, по серијата предупредувања за опасностите конфликтот во Украина да ескалира во нуклеарна војна.

Рускиот претседател Владимир Путин на 21 септември го предупреди Западот дека не блефира кога рече дека ќе биде подготвен да употреби нуклеарно оружје за да ја одбрани Русија од „нуклеарна уцена“ на големите западни сили.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој предупреди дека светот се соочува со најголем ризик од нуклеарна катастрофа од кубанската криза во 1962 година, рече дека се сомнева дека Путин ќе употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина.

„Секојдневно изразуваме жалење што шефовите на западните држави, во САД и Европа, користат нуклеарна реторика секој ден“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за интервјуто на Бајден за Си-Ен-Ен. „Тоа го сметаме за многу штетна и провокативна практика“, рече Песков.

НАТО следната недела ќе ја спроведе својата годишна вежба за нуклеарна подготвеност „Steadfast Noon“, кога воздухопловните сили на Алијансата вежбаат да користат американски нуклеарни бомби стационирани во Европа во тренажни летови, без борбено оружје.

Прочитајте и:  „Фајненшл тајмс“: Русија регруирала стотици Јеменци во војната против Украина

Песков рече дека изјавата на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, дека евентуалната победа на Путин во војната ќе биде пораз за Западот, значи дека НАТО се бори на страната на Украина.

Коментирајќи ја можноста за средба Бајден-Путин, Песков рече дека немало обид од ниту една страна да се договори таква средба.

„Колку што знам, немаше иницијативи ниту од руска ниту од американска страна за организирање контакти на највисоко ниво“, рече тој.

Песков, исто така, истакна дека нема „нов бран“ на мобилизација, и покрај изјавите на некои регионални претставници кои рекоа дека оваа недела ги засилиле напорите за мобилизација.

„Нема нов бран“, нагласи Песков, порачувајќи им на новинарите да проверат кај локалните гувернери што мислеле со нивните изјави.

Функционери од два региони, Ростов и Курск, рекоа дека оваа недела добиле нови наредби за мобилизирање војници, што ги зголеми стравувањата дека нов бран мажи можат да бидат повикани во армијата.

- Реклама -