Откриено истекување на нафтоводот што носи руска нафта во Европа, Полска вели дека не е саботажа

Полскиот оператор на нафтоводот – Перн, синоќа открил истекување на една линија од нафтоводот Дружба, кој пренесува нафта од Русија во Европа.

Перн соопшти дека истекувањето било откриено во дел од цевка на околу 70 километри од централниот полски град Плоцк и првично посочи дека причините се непознати. Според операторот, вториот цевковод и другите елементи од инфраструктурата на Перн работат нормално.

„Во моментов сите служби на Перн (технички, оперативни, внатрешни противпожарни бригади и заштита на животната средина) преземаат мерки предвидени за ваков тип на состојби“, нагласи компанијата.

Портпаролот на противпожарната бригада, Карол Киерзковски, за државната телевизија ТВП Инфо, изјави дека мора да се лоцира истекувањето и да се прекине.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

„Кога ќе се намали притисокот (со испумпување), истекувањето ќе престане и ќе ни овозможи да стигнеме до локацијата“, рече тој, додавајќи дека е премногу рано да се кажат причините, но притоа нагласувајќи дека нема опасност за локалното население.

Во меѓувреме, Матеуш Бергер – висок полски функционер задолжен за енергетската инфраструктура, изјави дека нема причина да се верува дека истекувањето во полскиот дел од нафтоводот Дружба било предизвикано од саботажа.

„Можеме да зборуваме за случајно оштетување“, изјави тој за светските агенции.

Извор: МИА

- Реклама -