НАТО состанок за одбрана утре, ќе се разговара за полнење на залихите на оружје

Брисел, 11 октомври 2022 (МИА) – Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО од утре се состануваат во Брисел да разговараат за ескалацијата на војната во Украина и потребата да се наполнат залихите на оружје на сојузниците, јави дописничката на МИА од Брисел.

Утре и задутре во седиштето на НАТО ќе се одржи првиот министерски состанок по руската анексија на украинските територии и зголемениот ризик од нуклеарна конфронтација меѓу Русија и Западот.

Со нападите на Русија врз бројни украински градови од вчера и експлозијата на кримскиот мост, Западот оцени дека конфликтот ескалира и дека поддршката за Украина ќе се зајакне и ќе трае додека е потребно.

Ова го потврди попладнево и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес конференција.

„Ќе ја зголемиме поддршката за Украина за да можат да продолжат да се бранат и да ги ослободат териториите од руска окупација. Украина се наоѓа во нагорен момент и продолжува да добива додека Русија се врти кон ужасни напади врз цивили и критична инфраструктура“, рече Столтенберг.

На Украина ѝ се потребни разни видови на оружје, за тоа ќе дискутираат министрите утре и задутре со украинскиот министер за одбрана, кој ќе им пренесе што му е потребно на Киев за да продолжи да војува против Москва – потребни се разни системи на одбрана, артилерија, оклопни возила, противтенковско оружје, но и гориво, зимска облека, комуникациски системи. За сето ова утре ќе се координираат сојузниците на НАТО заедно со Украина.

Прочитајте и:  Анкета на Галуп: Над половина од Украинците сакаат крај на војната со преговори што поскоро, опаѓа оптимизмот за членство во ЕУ и НАТО

Последица е што залихите на оружје на земјите кои и помагаат на Украина почнаа да се празнат, оставајќи ги државите поранливи во случај на напад. И ова ќе биде на дневен ред, потврди шефот на Алијансата.

„Се разбира, колку подолго трае војната важно е да се наполнат залихите, треба сега да зборуваме за зголемување на производството, да се произведува повеќе, да се наполнат залихите и да се испраќа во Украина, треба да се договориме за поамбициозен таргет за залихите и да и одговориме на индустријата за долгорочна побарувачка“, рече Столтенберг, кој додаде дека ќе се дискутира и заедничка набавка на муниција и зголемување на интероперабилноста меѓу земјите.

Дијалогот со воената индустрија е започнат, потврди генералниот секретар, за зголемување на производството, а утре за тоа ќе се разговара на повеќе нивоа.

„Што подолго трае војната, оваа работа со индустријата станува поважна“, рече Столтенберг.

Тој повтори дека НАТО ќе продолжи да ѝ помага на Украина онолку долго колку што ќе биде потребно.

Во однос на евентуален напад врз земја членка на НАТО, генералниот секретар повтори дека Алијансата ќе одговори одлучно на такво нешто, вклучително и во случај на сајбер напади, но рече дека не се разговара за тоа јавно за да не се даде прилика на Русија да добие информации за тоа како се користи членот пет за колективна одбрана во НАТО.

- Реклама -