„Денес после 81 година од почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија. Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите“, им порача на граѓаните претседателот на државата, Стево Пендаровски, во честитката по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
„11 октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит. Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро, благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава. Нека е честит и вековит празникот!“, додаде Пендаровски.
По повод празникот, Пендаровски денеска положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, на платото пред Владата.
Делегации од Кабинетот на претседателот присуствуваа на чествувањето на Денот на народното востание и во Куманово и Прилеп и положија цвеќе пред Спомен-костурницата во Куманово, споменикот на Методија Андонов – Ченто и пред споменикот на Кузман Јосифовски – Питу и Могилата на непобедените во Прилеп.
Свеченостите по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, годинава се одржуваат под мотото „Секогаш на вистинската страна“.