Демократскиот сојуз најостро осудува формирање здруженија на граѓани преку кои се враќа и афирмира фашизмот на територијата на Македонија, порачаа денеска од партијата, откако вчера во Охрид беше отворен културниот клуб „Цар Борис Трети“.
„Уставно право и слобода е граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска или партиска припадност, да се здружуваат за афирмација на културни, идентитетски, јазични и други обележја, но не смее да се регистрираат здруженија со имиња на познати фашисти, сојузници на Третиот рајх, соработници на Хитлер и негатори и асимилатори на македонскиот народ, како што се Цар Борис Трети и Иван Михајлов“, велат од партијата.
„Не сме против афирмација на националните обележја на Бугарите во Македонија, но не е случајно што тоа се прави со здруженија кои носат имиња на фашисти, поради што со право ќе нѐ третираат како држава која доживува повампирување на фашизмот“, потенцираат од Демократски сојуз.
Тие потсетуваат дека Цар Борис Трети е водач на фашистичката армија која ја окупира Македонија и познат е како „Цар Обединител“ на Бугарија, чија окупаторска власт врши злосторства и со терор спроведува процес на бугаризација на Македонците за време на Втората светска војна. Оттаму, со афирмацијата на неговото име, констатираат од партијата, се промовираат територијални претензии кон Македонија и се навредуваат чувствата на Македонците.
„Со понижување на Македонците, Евреите, Ромите и сите други слободољубиви граѓани кои страдаа за време на фашистичката окупација во логорите на смртта во Треблинка или во затворите и полициските участоци, не може да се градат добрососедски односи помеѓу Бугарија и Македонија“, категорични се од Демократски сојуз.
Како што се наведува во реакцијата, тие со индигнација ја отфрлаат и изјавата на македонското МНР, која, како што велат, ниту е европска, ниту значи афирмација на човековите права и слободи со формирање здруженија со имиња на фашисти и непријатели на македонскиот народ.
„Демократскиот сојуз повикува на одговорно, разумно и државничко однесување на Владата во целина и на министрите“, додаваат од партијата.