Белград, 5 октомври 2022 (МИА) – Се очекува Србија на првиот состанок на европската политичка заедница во Прага да им објасни на лидерите на Европска Унија и на другите земји зошто не воведува санкции за Русија иако преговара за членство во ЕУ, изјави неименуван висок претставник на Европска комисија, јави Бета.
Тој истакна дека не е планирана посебна дискусија за ставовите на Србија за воведување на санкциите против Русија, но потенцира оти некои земји-членки на ЕУ му придаваат значење, „иако Белград нема да биде ставен на обвинителна клупа на состанокот“.
Изворот од Брисел повтори дека ставот на Унијата е дека Европската политичка заедница нема и не може да биде замена за процесот на проширување на ЕУ, бидејќи тоа е сосема поинаква процедура.
Според неговото објаснување, практично сите земји од ЕУ воведоа санкции кон Русија, но има земји што тоа не го направија со целост. Поголемиот број земји-членки бараат сите членки на ЕУ да воведат санкции кон Русија, вклучително и земјите кои преговараат членство во ЕУ.