Државата обезбедува субвенционирана цена на електричната енергија со што за пет пати го намалува трошокот на граѓаните, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски и нагласи дека се водат интензивни преговори со други држави за да се обезбеди електрична енергија по пониски цени од берзанските.
„Со Србија постои можност, меѓутоа не 100-процентна, заради тоа што мора да биде реализирана низ мултилатерални договори, бидејќи ние имаме когенеративна централа во приватна сопственост а не во државна, на територијата на државата. Доколку Србија успее да обезбеди поевтин гас, тој гас би се донел и доколку успеат да го донесат до земјава, со оглед на тоа дека интерконекторот со Бугарија кај Жидилово е закупен на долгорочен договор од страна на ‘Газпром’… тој не е во сопственост ниту на Република Северна Македонија, ниту на Бугарија, ниту на Србија, туку на ‘Газпром’ Русија… само тие можат да дадат дозвола каков и колку гас да поминува низ гасоводот. Доколку се успее да се направи тоа, значи дека поевтина цена на гас ќе произведе поевтина цена на електрична енергија која, нормално дека ќе биде размената“, рече Ковачевски во одговор на пратеничко прашање за енергетската криза на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
За справувањето со енергетската криза, посочи премиерот, во изминатиот период се реализирани состаноци во Софија, Белград и Грција.
„На овие состаноци е договорено да нема забрана за увоз на енергенси од Грција, бидејќи можеше да се случи Грција да забрани извоз на лигнит, на јаглен и мазут, зашто ги користи за производство на сопствена електрична енергија. Од страна на Бугарија постои волја од нивните вишоци произведени во нуклеарната централа дел да бидат испорачани, преку директен договор, на Република Северна Македонија. Но, заради тоа што Бугарија има законска обврска согласно својот закон сите вишоци да ги продава преку берза, а цената на бугарската берза е повисока и од КУПЕКС берзата, тие мора да имаат законска измена, а немаат парламент во моментов, со која што ќе овозможат директен договор за продажба на базна електрична енергија, и дополнително одобрување од ЕУ, бидејќи Бугарија е земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски.
Посочи дека се разговара и со државната енергетска компанија на Турција, од каде исто така се бара базна енергија при што се преговара за дупло поевтина електрична енергија од берзанската. Преговорите, како што рече, ги води Министерството за економија и за тоа во детали се информирани претседателите на стопанските комори.
„Таму треба да се направи одобрување од турската Влада и обезбедување на прекугранични капацитети преку кои ќе дојде таа електрична енергија во Северна Македонија и компаниите за кои зборуваме во Северна Македонија да се обврзат дека таа електричната енергија ќе ја купат со оглед на тоа дека тоа ќе биде авансно платено од државата, а тие ќе мора да ја платат за да не остане непотрошена во системот“, рече Ковачевски.
Извор: МИА