Брисел, 28 септември 2022 (МИА) – Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, попладнево го презентираше новиот пакет санкции по нелегалните референдуми во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Како што изјави фон дер Лајен, новите санкции предвидуваат нови забрани за увоз на дополнителни производи од Русија во ЕУ, но и нов список на производи што не смеат да се извезуваат од ЕУ во Русија.
Овде спаѓаат пред сѐ производи кои можат да и послужат на руската армија да се модернизира и развива: електронски компоненти, производи од областа на авијацијата, технологијата и хемиски супстанци.
Се предлагаат и забрани за европски услуги во Русија и забрана за членување во одбори на државни тела на Русија за ЕУ граѓани.
Во новите санкции влегува и законската основа врз која ЕУ и партнерите од Г7 планираат да го намалат извозот на руска нафта во трети земји. Оваа одлука ја донесоа земјите на Г7 на почетокот на септември. Европската Унија целосно ќе ја забрани руската нафта од декември годинава, но стравува дека Москва ќе може да извезува во трети земји каде нема санкции. За таа цел ЕУ сака да воведе ограничување на цената на нафтата, преку комплексен механизам кој ги таргетира осигурителните компании на пример. ЕУ вели дека на овој начин ќе се намалат приходите на Кремљ за војната во Украина.
Конечно новиот пакет санкции вклучува нови лица и ентитети, вкупниот број луѓе и ентитети под ЕУ санкции сега изнесува 1300. Таргетирани се пропагандисти, воени офицери, олигарси, но и лица кои ја поддржуваат или имаат материјална корист од инвазијата врз Украина, како и оние кои шират дезинформации.