Пендаровски: Војната во Украина донесе енергетска криза и безбедносни предизвици (ВИДЕО)

„Безбедносните прашања секогаш биле важна тема, а неизбежно, најактуелно безбедносно прашање на денешнината е руската агресија врз Украина која тектонски ја поремети стабилноста на Европскиот континент кога мислевме дека по падот на Берлинскиот ѕид сме навлезени во период на долгорочен мир и стабилност“, истакна претседателот Стево Пендаровски во видео обраќање со кое ја отвори 13-та Меѓународната научна конфренција во Струга – „Образовни предизвици и перспективи на безбедноста“, организирана по повод 45 години високо образование во областа на безбедноста.

„Уште во 2014-та по анексијата на Крим беше јасно дека пред европската безбедносна архитектура има значајни предизвици, но, реално никој не очекуваше директна воена агресија врз една независна и суверена земја каква што не е видена од завршувањето на Втората светска војна. Ние ја осудивме руската агресија врз Украина и дадовме целосна поддршка на украинскиот народ во одбрана на својата независност која вклучуваше не само политичка, туку и конкретна техничка помош и воена опрема. Споредено со нашите капацитети и големина, припаѓаме во групата на земји кои најмногу ја помогнаа Украина во нивната праведна одбрана од агресијата. Тоа го направивме не само затоа што сме членка на НАТО, туку затоа што веруваме во принципите на меѓународното право кое не дозволува воена агресија на една земја врз друга“, рече Пендаровски.

Според него, војната во Украина донесе редица предизвици на многу полиња со кои светот, а, посебно Европа мораат да се соочуваат. Најголем предизвик е и допрва ќе биде, вели, енергетската криза, потоа безбедносните предизвици од трети страни или тн. малигни актери кои посакуваат дестабилизација на Балканот, но и растот на инфлацијата, дезинформациите и популистичките реторики кои се засилуваат користејќи го видливиот застој во евроинтеграциите на Западниот Балкан.

„Што се однесува до нашиот пат кон Европа, со големите дипломатски компромиси кои ги направивме во изминатите неколку години, покажавме дека сме сериозни во намерата да ја реализираме нашата втора стратешка цел. Подготвени сме како држава да ги исполниме сите европски критериуми, и притоа имаме јасни очекувања дека тој наш труд ќе биде реално валоризиран од Брисел. За европските перспективи на регионот зборувам од едноставна причина што никогаш не сум верувал дека е можна долгорочна стабилност на регионот без да станеме дел од проектот на Обединета Европа. Застојот во таа смисла за кој зборувам, и за кој секогаш тврдев дека не е добар за нас веќе го пополнуваат трети страни и, за жал, според сите релевантни истражувања, во голем пораст е евроскептицизмот, како и популарноста на автократските лидери и на популистичките вредности“, вели шефот на државата.

Прочитајте и:  Француски медиуми: Трамп сака трошоците за обнова на Украина да ги сноси ЕУ

Тој истакна дека по агресијата врз Украина на многумина им е појасно колку е значајна евроатланската перспектива и подвлече дека е исклучително значајно таа засилена кохезија и интересот на Европската Унија за регионот да продолжи и по што поскорото, завршување на руската агресија врз Украина.

„После 21 години чекање да станеме дел од Алијанската убедени сме дека членството во НАТО е најголемиот стабилизирачки фактор во регионот и пошироко. Она на што во наредниот период ќе мора многу повеќе да работиме, при тоа мислам и на политичките институции и на безбедносните експерти, се безбедносните ризици кои ни ги носат хибридните закани. Мислам дека на таа тема како земја ќе ни треба исклучително брзо прилагодување. Потребен ни е адаптабилен систем кој брзо ќе фаќа чекор со новите начини на хибридно војување. Тоа подразбира инвестирање не само во средствата за традиционално војување, туку и во најновите дигитални технолошки алатки и во стратешките комуникации неопходни за поголема отпорност кон дезинформациите“, порача Пендаровски.

- Реклама -