Полицијата во руската Република Дагестан испукала предупредувачки истрели за да ги растера луѓето кои денеска протестираа против мобилизацијата на резервисти на армијата, информираа локални активисти.
Како одговор на нацрт-наредбата од претседателот Владимир Путин претходно оваа недела, жителите во селото Ендиреј ја блокирале улицата за да им оневозможат пристап на властите, соопшти веб-страницата за граѓански права – OVD-Info.
На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како безбедносните сили пукаат во воздух, и расправии меѓу жителите и полицијата, пренесе ДПА.
Протестот следувал откако 110 мажи од селото беа повикани да се приклучат на борбата во Украина, според извештаите на локалните медиуми.
По минатонеделната најава за делумна мобилизација во војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, има протести низ целата земја.
Според набљудувачите, Дагестан, кој главно е населен со етнички муслимани, е меѓу руските региони од кои во моментов се мобилизираат најмногу мажи.
Активистите се жалат дека припадниците на малцинствата се особено цел на кампањата за мобилизација.
Путин вчера го потпиша новиот Закон, кој предвидува до 10 години затвор за тие што ќе одбијат да се борат, кои ќе дезертираат, кои не почитуваат наредби или ќе се предадат на украинските сили. Законот претходно беше одобрен од руските Домови на Парламентот. Според стариот закон, војниците дезертери се соочуваа со петгодишна казна затвор.
По објавената мобилизација голем број Руси ја напуштија земјата, а во повеќе градови беа организирани протести. Само во првиот ден од протестите, на 21 септември, кога и беше прогласена мобилизацијата, според порталот ОВД-Инфо, беа приведени повеќе од 1.300 лица. Во меѓувреме, според истиот извор, апсења имало во 32 града низ Русија, од Санкт Петербург до Сибир.
Како што може да се види на фотографии и видеа објавени од независни медиуми, демонстрантите, меѓу другото, носат и транспаренти со на кои порачуваат „Ние не сме (топовско) месо“. На протест во Москва, пак, може да се види жена во инвалидска количка со транспарент на кој пишува „Дали сакаш да бидеш како мене?“, алудирајќи дека многу од резервистите и војниците, дури и ако преживеат во Украина, ќе завршат како инвалиди.
Протестите, инаку, се исто така нелегални според рускиот закон, кој забранува каква било активност која се смета за клеветење на вооружените сили.
Извор: МИА