Путин објави делумна мобилизација: 300.000 резервисти ќе се приклучат во војната во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин денеска објави делумна мобилизација во земјата со цел да се зголеми бројот на војници во воениот конфликт во Украина.

Во обраќањето што го пренесе руската телевизија Прва, Путин изјави дека делумната мобилизација се однесува на резервисти со искуство кои, како што најави, ќе поминат претходна воена обука.

Путин рече дека веќе го потпишал указот за делумна мобилизација, која започнува уште денеска.

Како што соопшти рускиот министер за одбрана – Сергеј Шојгу, ќе бидат повикани 300.000 резервисти – лица со воено искуство, кои ќе поминат воена обука пред да бидат распоредени.

Шојгу, исто така, изјави дека Русија во Украина се бори против Западот. „Речиси целата сателитска мрежа на НАТО работи против Русија во Украина“ и „Украина сѐ повеќе користи западно оружје за да напаѓа цивили“, оцени Шојгу, додавајќи дека Западот ѝ доставува оружје на Украина во огромни количини.

Тој тврди дека Русија изгубила 5.937 луѓе во „специјалната воена операција во Украина“, а Украина, според него, изгубила половина од армијата.

Путин, воедно, објави и дека дал инструкции за изедначување на правниот статус на доброволците во воената операција во Украина и борците во Донбас со руските војници.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

„Веќе дадов инструкции до Владата и Министерството за одбрана во целост и во најкус можен рок да го дефинираат правниот статус на доброволците и борците на единиците на народните републики Доњецк и Луганск. Тој треба да биде еднаков на статусот на војник на редовната руска армија“, рече Путин.

„Само граѓаните кои моментално се во резерва, пред сѐ оние со искуство, ќе бидат предмет на делумна мобилизација“, рече тој во телевизиското обраќање.

Договорите за служба во вооружените сили на Русија ќе важат до крајот на периодот на делумна мобилизација, се вели во декретот на рускиот претседател објавен денеска.

„Договорите за воениот рок склучени од војници остануваат во сила до крајот на периодот на делумна мобилизација, со исклучок на случаи на напуштање на воениот рок од причините утврдени со овој правилник“, се наведува во документот.

Во декретот на Путин се прецизира и дека највисоките функционери во регионите на земјата ќе треба да обезбедат делумна мобилизација во рокот што за тој регион го одреди Министерството за одбрана.

Извор: МИА

- Реклама -