Руска ТВ математика: „Требаше да фрлиме нуклеарка на погребот на Елизабета“

Руска државна телевизија. Водителката Олга Скабеева (позната како „Куклата на Путин“ поради своите заслуги во сервирањето на пропагандата на Кремљ) и Андреј Гуруљов, член на руската Дума, со неколку соговорници, дискутираат за изјавата на американскиот претседател Џо Бајден дека во случај на употреба на нуклеарно или хемиско оружје во Украина, Русија ќе се соочи со сериозни последици.

Гуруљов почнува со оценка дека „Бајден зборува глупости“:

„Што го тера да мисли дека ние би извршиле нуклеарен напад на Украина? Ние уште ќе треба да живееме таму, во Украина“, вели политичарот и поранешен командант во руската армија, додавајќи дека Русија има многу други, подобри цели за напад. „Рамштајн е добра, дебела мета, но таа може да чека“, посочува Гуруљов, мислејќи на воздухопловната американска воена база во Германија, за потоа да премине на главното:

„Зошто би ги бомбардирале Украина или Германија, кога ја имате Британија – коренот на злото?“, предложи тој, што ѝ даде идеја на Скабеева:

„Требаше тоа да го направиме денеска, сите најважни луѓе се таму… Боже ми прости“, се досети водителката, јасно алудирајќи на погребот на кралицата Елизабета Втора.

Прочитајте и:  Зеленски: Русија сака да продолжи војната, на Украина и треба оружје и посилна поддршка од светот

На тоа, Гуруљов инстантно се надоврзува со оценка дека кога Британија ќе ја направат „марсовска пустина“ и ништо нема да остане од неа, НАТО нема да реагира и нема да го активира членот 5 на Алијансата, затоа што не би ризикувал за да брани „марсовска пустина“.

„Како ја нарекуваат (Британија), непотреслив остров? Ние ќе го стресеме. Ве уверувам, сите ќе се повлечат, тие нема да ги употребат стратешките нуклеарни сили“, сигурен е Гуруљов.

Не го премисли ниту забелешката на водителот дека и Велика Британија е нуклеарна сила и има нуклеарно оружје:

„Да ве потсетам дека тие имаат 245 нуклеарни боеви глави кои можат да бидат уништени во еден момент. Ние сме многу помоќни во тој поглед“, истакна Гуруљов на руската државна телевизија.

- Реклама -