Париз ја гаси Ајфеловата кула, Хоџа бара Скопје да го изгаси Милениумскиот крст на Водно

За да заштеди енергија во текот на претстојната зима, Париз ќе ги исклучува светлата на Ајфеловата кула еден час порано од вообичаеното. Оваа, заедно со другите мерки, е со цел да се исполнат таргетите за индустријата, домаќинствата и општинските власти поставени од претседателот Емануел Макрон, за намалување на потрошувачката на енергија за 10 отсто, неопходно поради руското намалување на испораките на гас и цените на енергијата.

Оваа конкретна мерка, очигледно, го инспирирала генералниот секретар на Беса – Арјанит Хоџа, кој, повикувајќи на примерот на Париз, денеска побара да се исклучи осветлувањето на Милениумскиот крст на врвот на Водно.

„Во Париз се носи одлука за намалување на осветлувањето на Ајфеловата кула, со што се заштедуваат непотребните трошоци за електрична енергија, особено во периодот на енергетската криза која започна и се очекува зимово да се продлабочи.

Наместо нашите властодршци да ни кажуваат како да ја користиме електричната енергија во нашите домови, јас јавно предлагам тие самите да започнат со штедење и да го запрат непотребното осветлување на Милениумскиот крст на Водно“, напиша Хоџа на Фејсбук.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Најпрепознатливиот симбол на Париз, Ајфеловата кула, моментално е осветлена до 1 часот по полноќ, со посебен систем за осветлување што ѝ дава треперлив златен сјај. Исклучувањето на светлата во 23:45 часот ќе овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 4 проценти.

Покрај тоа, градоначалничката на Париз – Ан Идалго, најави и дека од 23 септември светлата во јавните згради во Париз ќе бидат исклучени во 22 часот, а температурата на водата во јавните базени ќе се намали од 26 на 25 степени Целзиусови. Греењето во јавните згради ќе се спушти до 18 степени Целзиусови.

Сметката за енергија на француската престолнина годинава ќе изнесува 90 милиони евра, што е за 35 милиони повеќе од вообичаеното.

Хоџа, пак, до моментов не објави анализа за тоа колку проценти од потрошувачката на електрична енергија ќе се заштедат доколку се изгаси Милениумскиот крст на Водно.

- Реклама -