Костовски: СДСМ нема да дозволи Мицкоски да ја загрози европската иднина, иницијативата за референдум е неуставна

„Иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е спротивна на македонскиот Устав и националните интереси и затоа нејзиното отфрлање е очекувано“, порача денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ – Мартин Костовски.

„Договорот за добрососедство е меѓународен договор, а членот 118 од Уставот јасно предвидува дека Меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со Закон. Затоа што според Уставот, прекинување на правно дејство значи менување“, истакна Костовски.

Според него, тоа го знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа вчера цитирале, како што рече, погрешен член 24 од Законот за референдум кој се однесува на консултативен референдум, а не на задолжителен – каков што бараат во иницијативата.

„Очигледно Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на македонскиот Устав. Сето тоа со цел да создава тензии, да го манипулира народот, самиот свесен дека таа негова инцијатива нема да успее. Впрочем, оваа иницијатива е поседна во низата измами на Мицкоски со цел спас на сопствената фотелја во Белиот дворец и спас на бизнис интересите на одредена екипа во неговото непосредно опкружување“, обвини Костовски.

Прочитајте и:  СДСМ: Поразително е тоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ не прави ништо додека граѓаните дишат загаден воздух

„Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против Договорот за добрососедство со Бугарија, не ги удостоија граѓаните ниту со расправа во Собранието. Сега, пет години подоцна, бараат референдум против овој договор за одговорноста да ја префрлат кај граѓаните. И тука се гледа незрелоста, неодговорноста но и деструктивноста на Мицкоски“, додаде Костовски.

„Како одговорни политичари кои што водат сметка за подобар живот на граѓаните и имиџот на државата, повторно ќе потенцирам дека, во време на најголема економска и енергетска криза, во пресрет на тешка и неизвесна зима, крајно неодговорно и недозволиво Мицоски сака да се потрошат осум милиони пари на граѓаните, заради негови лични внатрепартиски интереси.

СДСМ, заедно со демократски сили, заедно со граѓаните, нема да дозволи Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ја загрозат европската иднина и државата да ја вратат назад во темното минато на изолација и поделби“, порача пратеникот од владечајката СДСМ.

- Реклама -