Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја повика опозицијата да го прифати и поддржи Договорот за добрососедство со Република Бугарија, кој, како што истакна на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ДУИ – Арбер Адеми, е меѓународен договор и согласно Уставот неговото правно дејство не може да се менува.
„Kога е во прашање државниот и национален интерес, ДУИ нема да дозволи ретроградните сили да ја закочат иднината на Република Северна Македонија“, изјави Адеми, соопштувајќи го ставот на ДУИ во врска со иницијативата за референдум и зошто истата, според нив, не треба да биде поддржана.
„Иницијативата за организирање на референдум е спротивна на Уставот на Република Северна Македонија и истата е отфрлена бидејќи Уставот, како највисок правен акт, е многу јасен. Само да потсетиме, во член 118 се предвидува дека потпишаните меѓународни договори, кои потоа се ратификувани, се дел од внатрешниот правен поредок и истите не можеме да ги менуваме со Закон“, изјави Адеми.
Според него, очигледно е дека опозицијата намерно ја има смислено и поднесено иницијативата на правно неиздржан начин, со единствена цел да биде одбиена и притоа да создава поделби и тензии меѓу граѓаните, да го манипулира народот, иако знаат дека референдумот нема никакви шанси да успее.
„Иницијативата на опозицијата е насочена кон попречување на патот кон Европската унија. Жалам за антиевропското убедување и делување на опозицијата, но едно е јасно, дека враќање назад нема да има, дека земјата нема да се изолира од останатиот демократски свет“, рече Адеми на прес-конференцијата.
Сега кога веќе официјално почнавме преговори со Европската унија, ДУИ повикува на формирање широк проевропски фронт на политички партии, невладини, медиуми, граѓани, порача тој. Тој го повика, како што рече, „проевропското крило“ во рамките на опозицијата, да направи сѐ за „да не се загрози членството на Република Северна Македонија во НАТО“ и да запре нејзиниот европски пат.
„Во време на најголемата економска и енергетска криза, во пресрет на една тешка и неизвесна зима што нѐ чека не само нас туку целата Европа, крајно неодговорно и недозволиво е да се потрошат 8 милиони евра за организирање на референдум, само за да станеме дел од големата измама на опозицијата“, додаде Адеми.
Извор: МИА