Главен аспект на бугарската и европската надворешна политика е проширувањето на Европската унија, а особено европската перспектива на Република Северна Македонија и нејзините односи со Бугарија, изјави бугарската потпретседателка, Илијана Јотова за време на учеството на Политичката школа „Димитар Паница“.
Како што јави дописникот МИА од Софије, Јотова нагласи дека секој што сака да биде дел од европското семејство мора да разбере дека тоа не е ниту банка ниту донатор, туку слобода и заштита на човековите права.
„Сакаме гаранции за правата на македонските Бугари, за вистинско добрососедство, почитување на историјата“, посочи таа и како успех на бугарската надворешна политика ја истакна одбраната на бугарската позиција за вклучување на Бугарите во Уставот на земјава.
Ова е пример како може да се постигне успех кога се работи со сите институции и политички партии во Бугарија, рече Јотова.
Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан влијае и на уште едно големо прашање – Босна и Херцеговина, Србија, Косово, оцени таа. Овој јазол, според потпретседателката на Бугарија, може да се одврзе само со јасна перспектива за овие земји, а сигналот мора да дојде токму од ЕУ, во спротивно тие секогаш би останале точки на конфликт. Јотова смета дека е потребно силно лидерство меѓу европските политичари. Таа посочи дека надворешната политика е тесно поврзана со безбедносната политика, а ја потенцираше и темата за миграциската политика на ЕУ, за која веќе осум години не може да најде соодветно решение.
Јотова истакна и дека надворешната политика отсуствува од јавната дебата, меѓу водечките теми во изборната кампања во Бугарија, и нагласи дека земјата често страдаше од странски одлуки и не се обиде да биде целосен дел од европскиот и глобалниот процес на одлучување.
МИА