Европските министри за енергетика се согласија за ограничување на цената на гасот

Брисел, 9 септември 2022 (МИА) – Министрите за енергетика на ЕУ денеска се согласија да побараат од Европската Комисија да подготви предлог за ограничување на цените на гасот, не само рускиот гас туку генерално, соопшти чешкото претседателство.

„Очекуваме Европската Комисија да подготви предлог за привремен одговор за итни случаи, вклучително и ограничување на цената на гасот“, рече чешкиот министер Јозеф Сикела по сесијата на европските министри за цените на енергенсите.

Министрите се обидоа да најдат заеднички јазик за мерките што треба да се преземат на европско ниво во услови на зголемени цени на енергијата. Нова средба на Советот за енергетика на ЕУ е закажана за крајот на септември. По средбата, министрите изјавија дека е неопходна брза имплементација, пред почетокот на грејната сезона, за да може да дојде до финансиско олеснување за европските домаќинства и индустрии.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Чешкиот министер Сикела изјави дека е сосема сигурен дека ЕУ ќе излезе со предлог за насоката што треба да и се даде на ЕК, која потоа ќе го даде својот законски предлог следната недела. Целта е текстот потоа да може брзо да се усвои. ЕК неделава објави пет типа можни итни мерки, кои се движат од програма за намалување на побарувачката на електрична енергија до ограничување на приходот на производителите на обновлива или нуклеарна електрична енергија. Околу овие два предлози речиси сите земји членки се согласија.

Ограничувањето на цените на рускиот гас немаше едногласна поддршка. Неговото влијание на пазарот предизвика скептицизам кај одредени главни градови. Рускиот гас сега претставува само 9 отсто од европскиот увоз, наспроти 40 отсто пред војната.

- Реклама -