Пендаровски за референдумот: Не може да разговараме за европски интеграции ако не сакаме да имаме договори за добрососедство со соседите

Не може да разговараме за европски интеграции ако не сакаме да имаме договори за добрососедство со соседите, изјави денеска претседателот на државата – Стево Пендаровски.

Тој истакна дека не поддржува референдум со кој би се поништил Договорот за добрососедство со Бугарија затоа што тоа, како што рече, би ја запрело европската интеграција на земјата. Тоа би било исто како да веруваме дека може(ме) да го поништиме Преспанскиот договор со Грција, а истовремено да останеме членка на НАТО., оцени Пендаровски, додавајќи дека такво нешто не е можно.

„Ова не е мој ад хок став, тоа е втемелено на аргументи и на процес на размислување до што може да доведе ако тој референдум биде успешен. Да нема некоја забуна, да повторам уште еднаш. Ако вие го оспорувате или се обидувате да го оспорите преку референдум билатералниот Договор со Бугарија и европските интеграции и преговори, тоа е исто како некој да ви каже дека можете на референдум да го оспорите или поништите Договорот со Грција од Преспа и да останете членка на НАТО, не е можно. Значи, да немаме илузии, билатералните договори со соседите и добрососедските односи, како што ги именуваат во ЕУ, се еден од клучните предуслови, секогаш и биле, за интеграција на која било држава не само од овој регион, туку на целиот посткомунистички свет по 1990 година“, рече Пендаровски на новинарско прашање по прес-конференцијата со словачката претседателка Зузана Чапутова, додавајќи дека не може да разговараме за европски интеграции ако не сакаме да имаме договори за добрососедство со „првите, со директните комшии“.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Во врска со тоа дали би иницирал средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, која покрена постапка за распишување референдум, Пендаровски рече дека секој што посакал да разговара со него за кое било прашање тоа и го добил, и дека и тој како претседател иницирал средби и разговори со сите политички чинители.

„Останувам отворен за разговори за кое било прашање што ги тангира интересите на државата и пред сѐ интересите на граѓаните. Меѓутоа, во однос на ова ваше прашање, мојот став е познат, а го соопштив вчера на македонската јавност“, рече Пендаровски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ почна постапка за граѓанска иницијатива за собирање потписи за распишување задолжителен референдум. Референдумското прашање, како што најавија од партијата, ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија што го склучија тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов, а кој, според ВМРО-ДПМНЕ, „е извор и почеток на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции“.

Извор: МИА

- Реклама -